Фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров влезе во турбулентен период откако и спортскиот директор Александар Бајевски, и шефот на стручниот штаб Бобан Грнчаров решија да се повлечат од своите функции.
По промените во управата и најавите за нова насока во водењето на клубот, двајцата поранешни репрезентативци на Македонија одлучија дека повеќе не можат да продолжат во средина каде нивните идеи и принципи не се совпаѓаат со визијата на новото раководство.
Во своето обраќање до јавноста, Александар Бајевски ја образложи одлуката за повлекување:
„Со оваа порака сакам официјално да ја соопштам мојата одлука да се повлечам од функцијата спортски директор на ФК Македонија Ѓорче Петров. Оваа одлука е донесена по внимателно размислување, сериозна анализа и искрена проценка на актуелната состојба во клубот.
Иако секогаш се водев од најдобрите интереси на клубот, почувствував дека моите визии и начинот на работа не се вклопуваат со насоката која новото раководство ја наметнува. Сметам дека недоследноста во пристапот, различните приоритети и отсуството на заедничка стратегија го прават продолжувањето на мојата работа во оваа средина неизводливо, невообичаено и неефикасно. Под такви околности, единствено исправно решение е да се повлечам.
Искрено се заблагодарувам на претходниот сопственик Имер Асан за успешната соработка, довербата и поддршката што ми беше укажана во изминатиот период. Тој период ми овозможи да работам во средина каде визиите беа усогласени и јасни. Упатувам голема благодарност и до тренерот Бобан Грнчаров и целиот стручниот штаб за нивната посветеност, тимска работа и професионален пристап. На фудбалерите им благодарам за трудот, дисциплината и ангажманот што секојдневно го вложуваваа. Им посакувам продолжување на развојот и многу успех во иднина. Особена благодарност до сите вработени во клубот, кои со својот труд и секојдневна поддршка овозможуваат клубот да функционира.
На навивачите и поддржувачите на клубот, благодарам за коректната и искрена поддршка која ја покажувавте. Иако ја напуштам функцијата, останувам со искрена почит кон клубот и неговата историја. Секогаш ќе посакувам прогрес, стабилност и спортски успеси.“
По Бајевски, својата оставка ја објави и шефот на стручниит штаб Бобан Грнчаров, кој се раздели со клубот.
„Би сакал да ја информирам македонската јавност дека од денеска не сум веќе шеф на стручниот штаб на Македонија Ѓорче Петров. Од клубот се разделувам со тага и жал, но и горд со сѐ што сторив во овие година и пол, заедно со фудбалерите, тренерите од стручниот штаб и директорот Александар Бајевски.
Откако дојдоа новите газди, се појавија ненадминливи разлики околу концептот на водење на клубот, особено по нивната одлука утрешниот меч со Шкендија да го играме со младинци. Сакајќи да си го оставам образот чист, решив веднаш да се повлечам. Резултатите кои ги оставам зад мене доволно говорат за мојата работа во Македонија ЃП.
Ланската сезона триумфално минавме низ Втората лига и експресно се вративме во елитата, а годинава успеавме да го стабилизираме клубот во средината на табелата со шанси да се вмешаме во борба за некои од погорните места. На новите газди и на мојот наследник му посакувам среќа и успех во работата што им претстои.“
Двајцата оставија значаен белег во Македонија ЃП — заедно ја вратија екипата во Првата лига и ја стабилизираа во елитното друштво. Нивното заминување остава голем вакуум во спортскиот дел на клубот, кој сега ќе мора одново да гради структура и план за иднината.