По неколку години пауза, фудбалот повторно оживува во Пехчево! Благодарение на група спортски ентузијасти, предводени од Марјанчо Димитров, годинава е формиран новиот фудбалски клуб Напредок 2025, кој има за цел да ја продолжи фудбалската традиција во овој дел од Малешевијата.
Во минатото, градот беше горд на ФК Кит Го, клуб кој се натпреваруваше во Втората лига – Исток, но по неговото преселување во Скопје, Пехчево остана без свој активен фудбалски колектив. Сега, со појавата на Напредок 2025, фудбалската приказна повторно добива нова енергија и надеж.
„Идејата ми дојде кога со години го носев моето дете на тренинзи во Берово, бидејќи во Пехчево немаше фудбалски клуб. Решив да создадам еден наш клуб – место каде децата ќе можат да тренираат, да се дружат и да се натпреваруваат во Детската лига на ФФМ,“ – вели претседателот на клубот, Марјанчо Димитров во изјава за Спортска Мрежа.
Клубот моментално брои 64 млади фудбалери, сите регистрирани во системот на ФФМ, што е доказ за сериозноста и посветеноста со која се работи.

„Интересот е голем, а поддршката од граѓаните и родителите е секојдневна. На натпреварите има навивачи, се чувствува вистинска фудбалска атмосфера,“ додава Димитров.
Во моментов Напредок 2025 е активен со три генерации – 2013, 2015 и 2017 година, кои настапуваат во Детската лига – Исток. Сепак, плановите не застануваат тука. Клубот има амбиции за учество и на домашни и меѓународни турнири, каде младите пехчевци ќе можат да стекнуваат искуство и спортски дух.
Работата со младите ја водат двајца тренери – Ерол Пилов, активен фудбалер и капитен на ОФК Малеш од Берово, и Андреј Митровски, наставник по физичко образование и активен спортист. Тренинзите се одржуваат на Градскиот стадион во Пехчево, кој моментално е во добра состојба, а клубот располага и со помошно игралиште со вештачка трева и спортска сала, благодарение на соработката со локалното училиште.

„Нашите цели се јасни – да ја продолжиме традицијата, да ги насочиме децата кон спортот, пријателството и здравите вредности. Сакаме Напредок 2025 да стане место каде што ќе се создаваат идните фудбалери на Пехчево и Македонија,“ истакнува Димитров.
Од клубот упатуваат апел до сите фирми, спортисти и поединци кои сакаат да помогнат.
„Секоја донација и секоја поддршка директно влијае на иднината на овие млади фудбалери. Заедно можеме да создадеме уште подобри услови и да го вратиме фудбалот таму каде што му е местото – во Пехчево!“
