По слабата серија резултати и без ниту една победа во тековната сезона од Првата македонска фудбалска лига, раководството на Шкупи се реши за промени на клупата. Нов шеф на стручниот штаб е Минас Османи, човек кој со години е дел од клубот и кој важи за еден од најлојалните членови на чаирското семејство.
Османи ќе ја има задачата да го врати тимот на победничкиот колосек и да ја стабилизира атмосферата во соблекувалната по тешкиот период што го зафати клубот. Досега тој привремено ја извршуваше функцијата прв тренер, но по одлука на управата доби целосна доверба да ја води екипата до крајот на сезоната.
Тој го наследува турскиот стратег Умит Шахин, кој си замина од Чаир по серија натпревари без триумф. Раководството верува дека Османи, како човек што ја познава структурата и карактерот на тимот, е вистинскиот избор за да ја „разбуди“ екипата и да ја врати во позитивен ритам.
Во наредните денови се очекува клубот да го објави и проширениот состав на стручниот штаб кој ќе му асистира на Османи во работата.
Шкупи моментално се наоѓа во резултатска криза и се бори за излез од долниот дел на табелата. Во следното коло чаирчани ќе имаат тешко гостување кај Силекс во Кратово, натпревар кој ќе биде прв вистински тест за новиот тренер и можност да се покаже дека промените можат да донесат пресврт.