По подолг период на пауза, фудбалскиот клуб Единство од струмичкото село Пиперово повторно се врати на терените и ја започна новата сезона во Општинската фудбалска лига – натпреварување кое претставува четврт ранг во македонскиот фудбал.
Во изминатиот период, жителите и љубителите на спортот во Пиперово посветено работеа на уредување на локалното игралиште, со цел да создадат подобри услови за натпревари и тренинзи. Напорот се исплати, а фудбалот повторно стана центар на вниманието во селото кое отсекогаш важело за место со богата фудбалска традиција.
Екипата, составена главно од локални фудбалери, досега одигра два натпревари во новата сезона. Во првото коло Единство беше минимално поразено на гостувањето кај Дрвош со 2:3, додека во второто коло доживеа висок пораз на домашен терен од тимот на Огражден од Ново Село со резултат од 1:4.

Во рамки на третото коло, фудбалерите на Единство ќе имаат нова можност за бодови – гостуваат кај екипата на Илинден од Добрејци, во обид да ја запишат првата победа оваа сезона.

И покрај резултатите на почетокот, во клубот владее оптимизам и ентузијазам, а поддршката од жителите на Пиперово е силен мотив за сите во обидот да се врати стариот сјај на локалниот фудбал.

