Ракометната репрезентација на Македонија ги започна завршните подготовки за настапот на Европското првенство што ќе се одржи во јануари. Извлекувањето не беше најповолно, па нашата селекција ќе игра во групата во Хернинг, заедно со домаќинот Данска, Португалија и Романија.
Како дел од подготовките, македонските ракометари ќе одиграат два контролни натпревари против репрезентацијата на Јапонија. Селекторот Кирил Лазаров нагласи дека овие дуели ќе послужат за пробување нови работи и за подготовка пред големиот собир:
„Натпреварот со Јапонија го договоривме уште во летниот период. Ми се допаѓа нивниот стил на игра — брз и динамичен ракомет — и овие два пријателски дуели ќе ги искористиме за да пробаме работи што ни недостасуваа во минатото и да се подготвуваме за уште едно големо натпреварување. Јапонија е противник по мерка за тоа“.
Исто така, тој истакна и дека ќе им даде шанса и на некои помлади ракометари:
„Ќе испробаме некои нови работи и ќе имаме јасни цели на што мораме да внимаваме за да видиме до каде сме. Воедно, ќе дадеме шанса и на некои помлади ракометари. Деновите ќе ги искористиме максимално, со пет тренинзи и два натпревари, насочени на детали“, -додаде Лазаров.
Првиот натпревар со Јапонија се игра на 30-ти Октомври во Автокоманда и ќе биде од затворен тип, а вториот е на 1-ви Ноември в сабота и ќе се игра во спортската сала во Куманово.