За време на репрезентативната пауза на македонската фудбалска репрезентација, фудбалерите на Шкупи ја искористија можноста за дополнителна подготовка пред продолжението на сезоната во Првата македонска лига. Тимот од Чаир напорно тренираше, со цел да влезе во натпреварувачки ритам и да ја подобри формата во пресрет на дуелот против Башкими.
Крилниот напаѓач на чаирчани, Ардит Дестани — стрелец на два погодоци во досегашниот тек од шампионатот — верува дека неговиот тим може да излезе со позитивен резултат од гостувањето во Куманово.
„Се одморивме, но и максимално се подготвивме за овој натпревар. Башкими е сериозен противник, тим кој, иако се врати во Првата лига, покажа дека е опасен и игра на високо ниво. Работевме напорно и одиме во Куманово со јасна цел – да забележиме позитивен резултат.
Башкими има голема поддршка од трибините, но за нас е позитивно тоа што ќе играме на добар терен, кој одговара на нашиот стил на игра. Се надеваме дека нема да има грешки или пропусти, и на крајот ќе победи најдобриот. Ќе дадеме сè од себе, ќе се бориме до крај – затоа што веруваме во нашата работа, во тимот и во победата“, изјави Дестани.
Натпреварот помеѓу Башкими и Шкупи ќе се одигра на стадионот на Башкими во Куманово, со почеток во 14:30 часот.