Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер не успеа да приреди изненадување на гостувањето кај моќниот Магдебург и беше совладан со 36-26 во рамки на Лигата на шампионите. Иако битолчани одиграа солидно прво полувреме и парираа во почетната фаза, квалитетот и длабочината на домашниот состав сепак дојдоа до израз.
Почетокот беше ветувачки за избраниците на Гарабаја. Со дисциплинирана одбрана и неколку брзи решенија во нападот, успеаја да се држат резултатски блиску до германскиот првак. По првите десетина минути Магдебург водеше со 6-3, што го натера Гарабаја да побара тајм-аут. Пелистерци одговорија со два гола по ред и се вратија во игра, но потоа уследи блесок на исландскиот бомбардeр Омар Игни Магнусон кој беше непогрешлив и од седум метри и од игра.
Домашниот голман Ернандез се разбрани во вистински момент, а транзицијата на германците беше убиствена. Кога Кузмановски со силен удар намали на 18-13 во финишот на првиот дел, изгледаше дека битолчани ќе ја намалат негативата, но само неколку секунди подоцна Клар возврати и донесе плус шест на пауза.
Во второто полувреме Магдебург брзо ја врати контролата. Иако Видомски со серија погодоци внесе кратка доза надеж при резултат 22-18, домаќините не дозволија пресврт. Ернандез продолжи со одбраните, а секоја грешка на Пелистер беше казнета со брза контра и сигурна реализација.
Омар Игни Магнусон блесна со десет погодоци и беше вистинска ноќна мора за битолчани, а Ернандез со 15 интервенции имаше огромен придонес во победата. Кај Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски беше најпрецизен со шест гола, Хаџиќ постигна четири, а Манасков три. Голот го бранеше Никола Митревски, кој запиша осум успешни одбрани.
Еурофарм Пелистер сега влегува во кратка пауза поради ЕХФ-неделата, а следниот натпревар во Лигата на шампионите ќе го одигра на 12 ноември против унгарскиот ПИК Сегед, со надеж дека ќе се врати на победничките патеки.