Женската ракометна репрезентација на Македонија не успеа да стигне до првиот триумф во квалификациите за Европското првенство 2026, откако во Битола беше совладана од Словенија со 28-20. Иако првото полувреме донесе рамноправна игра и надеж дека може да се стигне до позитивен резултат, повторно кобна беше завршницата на натпреварот.
Македонските ракометарки влегоа во мечот со грчевит почеток и неколку промашувања, но брзо се вратија во игра преку прецизните удари на Арсениевска и Јанкуловска. На половина од првиот дел имавме и минимално водство, а одличните интервенции на голманката Петковска ја држеа Македонија во чекор со противникот. На паузата сепак Словенките заминаа со предност од 12-11.
Во вториот дел се продолжи со егал резултат, но само до средината на полувремето. Потоа следуваше пад во концентрацијата, голем број технички грешки и долг период без погодок – дури 13 минути без реализација, што гостинките максимално го искористија. Со серија од осум последователни голови, Словенија ја осигура победата и рутински го приведе натпреварот до крај.
Најефикасна во редовите на Македонија беше Ивана Арсениевска со четири гола, а по три додадоа Ангела Јанкуловска и Сања Дамјаноска. Голманката Петковска се истакна со 12 успешни интервенции.
По овој натпревар, Македонија останува без бодови во квалификациската група и ќе мора да бара резултатски пресврт во дуелите против Белгија во март следната година, доколку сака да остане во трка за место на Европското првенство 2026.