Со реактивирањето на Општинската фудбалска лига на Струмица (ОФЛ Струмица), по неколку години пауза, во струмичките села повторно се слуша звукот на свирежот и радоста на фудбалот. Нискoлигашки фудбал се врати, а со него и спортскиот дух во малите средини, меѓу кои и село Радово, каде што повторно се играат натпревари на добро познатото игралиште.
По неколкугодишна пауза, Фудбалскиот клуб Напредок Радово е повторно активен и се натпреварува во новата сезона на ОФЛ Струмица.
За реактивирање на клубот беше неопходна санација на фудбалскиот терен во селото, како и негова подготовка за одигрување натпревари, што беше успешно завршено благодарение на ентузијазмот и љубовта кон спортот на локалните жители.

- Реактивираниот Напредок со нов почеток
Во првото коло од новата сезона, ФК Напредок Радово го започна натпреварувањето со пораз од ФК Илинден, кој славеше со 1:3. И покрај резултатот, домаќините прикажаа борбена и мотивирана игра, а оптимизмот и вербата во подобри резултати во следните кола остануваат високи.

Од клубот испратија порака дека продолжуваат со работа и дека вратата на клубот е отворена за сите фирми и поединци кои сакаат да помогнат во развојот на фудбалот во Радово.
„Нашиот клуб секогаш е отворен за соработка со сите кои сакаат да го поддржат развојот на спортот во нашето село. Вашата поддршка значи многу за нас“, стои во соопштението на клубот.
- Радово повторно живее со фудбалот
Враќањето на Општинската лига донесе вистински спортски препород во струмичкиот регион. На трибините повторно има публика, а во селата владее фудбалска атмосфера каква што одамна немало.

Полни игралишта, детска радост и локален спортски дух се слика на која неделно сведочат жителите на Радово, Градско Балдовци, Куклиш, Дрвош, радовишко Злеово, Пиперово и Ново Село – сите места каде што се реактивирани фудбалските клубови и каде што се играат натпреварите во новата сезона на ОФЛ Струмица.

Во новата сезона се натпреваруваат ФК Напредок од Радово, ФК Спартмани од Градско Балдовци, ФК Интер Кукла од Куклиш, ФК Дрвош од село Дрвош, ФК Слога од радовишко Злеово, ФК Единство од Пиперово и ФК Огражден од општина Ново Село.

