Младинската генерација на ФК Џокер (2014) го заврши своето учество на престижниот Eurosport Cup со гордо подигнати глави, откако во четвртфиналето беше елиминирана од славниот италијански клуб Лацио по изведување пенали (4:3), по регуларни 0:0.
Иако против себе имаа еден од најголемите европски клубови, младите надежи на ФК Џокер одиграа храбар и дисциплиниран натпревар, не дозволувајќи му на фаворитот да ја наметне својата игра. Со цврста одбрана, борбеност и колективен дух, тие создадоа неколку опасни ситуации и целосно го заслужија големиот респект од сите присутни.
Пенал-рулетот, за жал, не им беше наклонет на нашите млади јунаци, кои завршија со само еден примен гол на целиот турнир – што е вистински подвиг и доказ за нивната зрелост и фудбалски развој.
На турнирот, ФК Џокер остави одличен впечаток и се вброи меѓу најдобрите осум екипи во конкуренција со фудбалски гиганти како Партизан, Торино, Рома и Лацио, со што уште еднаш потврди дека расте во клуб со европски стандарди и потенцијал.
Од клубот изразија голема благодарност до организаторите за одличната организација и гостопримство, до родителите кои се најголемата мотивација и поддршка за овие талентирани момчиња.
Иако елиминирани, младите фудбалери на ФК Џокер излегоа како вистински победници – со срце, верба и достојна претстава која влева гордост и надеж за иднината.