Фудбалскиот клуб Беласица од Струмица во недела ќе организира свеченост посветена на еден од своите најголеми играчи – Милан Василев. Настанот ќе се одржи на стадионот „Благој Истатов“ непосредно пред натпреварот од 7. коло на Втората лига против Шкендија Арачиново, кој започнува во 18:30 часот под рефлектори.
Василев е втор на вечната листа по број на настапи за Беласица со дури 383 првенствени мечеви во периодот од 1977 до 1991 година. Познат по своите моќни удари, тој постигна 69 голови и е еден од ретките дефанзивци кои во повеќе наврати биле прв стрелец на тимот. Во три сезони (1981/82, 1989/90 и 1990/91) ја предводел Беласица како најдобар реализатор, а рекордната сезона ја имал со 18 погодоци.
Неговиот прв настап го забележа на само 17 години против Слога Виница, а последниот во декември 1991 година во Прокупље. По завршувањето на кариерата, остана верен на фудбалот – најпрво како помошник тренер во сениорскиот тим, а потоа и како тренер на младинските категории. Денес е дел од стручниот штаб на ФК Брера.
Од името на клубот, претседателот Славчо Васков – Пинда ќе му врачи плакета и дрес со неговото име и бројот на настапи.
Беласица ги поканува сите љубители на фудбалот да дојдат и да го поздрават својот великан, кој заедно со Пере Андреев останува еден од најголемите симболи во историјата на клубот.