По две години пауза од фудбалските терени, Дејан Блажевски – популарниот „Шиле“ – се врати во голем стил и потсети зошто важи за еден од најдобрите македонски фудбалери во изминатите две децении.
Во рамките на 3. коло од Трета лига – Исток, неговиот Хоризонт Турново запиша убедлива победа над Малеш со 9:1, а токму Блажевски беше меѓу најзаслужните за високата разлика. Искусниот напаѓач постигна два погодоци, од кои едниот вистински еврогол кој ја крена публиката на нозе.
Овој настап само ја потврди одлуката на 39-годишниот капитен да ја прекине пензијата и повторно да го облече дресот на клубот каде остави силна трага. Целта е јасна – Турново да се бори за шампионската титула во Трета лига – Исток и преку бараж да обезбеди враќање во Втората лига.
Во својата богата кариера, Блажевски остави печат во домашните клубови Вардар, Скопје, Хоризонт Турново, Пелистер и Работнички, а настапуваше и во Грција, Азербејџан и Албанија. Сега, со голгетерското чувство кое сè уште го краси, покажа дека има што да понуди и во поодминати години.
Со вакво враќање, Блажевски уште еднаш докажа дека класата е вечна, а Хоризонт Турново доби силен лидер на патот кон големата цел.