По цели 30 години на Градскиот стадион во Радовиш повторно се играше репрезентативен фудбал! Последен пат во овој град настап имаше македонска селекција во 1995 година, кога Македонија до 21 година одигра пријателски натпревар против Бугарија.
Денеска, пред бројната публика, репрезентацијата на Македонија до 19 години оствари сигурна победа од 2:0 над врсниците од Босна и Херцеговина на пријателски натпревар исполнет со добра игра и борбеност.
Херој на мечот беше Стефан Младеновски, кој ги постигна двата гола за Македонија. Првиот гол падна во 29. минута, откако по грешка на Терзиќ топката ја одзеде Хоџа, кој одлично асистираше до Младеновски, а тој прецизно погоди за 1:0.
Во второто полувреме Босна и Херцеговина се обиде да израмни, но голманот Давид Илоски беше сигурен на голот. Најголемата шанса за гостите ја имаше Косо во 56. минута, но шутираше непрецизно.
Конечните 2:0 ги постави повторно Младеновски во 89. минута од пенал, откако судијата досуди прекршок во шеснаесетникот.

Вториот пријателски меч меѓу овие две репрезентации ќе се одигра на 6 септември (сабота) од 11:00 часот на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.
Спортска Мрежа ќе објави најдобри моменти и фотографии од пријателската средба на двете репрезентации.

МАКЕДОНИЈА: Давид Илоски, Игор Ристов (74′ Златко Радески), Горазд Ристовски (86′ Андреј Мурџески), Назиф Цека, Лука Атанасовски, Давид Стојаноски, Ненад Дајманоски (64′ Каменчо Андоновски), Емир Шаботиќ (86′ Виктор Делов), Дитмир Хоџа (74′ Димитар Шаркоски), Марко Киш (86′ Ариф Локи), Стефан Младеновски.
Селектор: Ерхан Селими.
БИХ: Тарик Бањиќ, Филип Шакота, Петар Ѓукановиќ (81′ Данило Вујичиќ), Адмир Гојак, Јусуф Терзиќ (66′ Армин Спахиќ), Дарко Башиќ (60′ Хамза Реџиќ), Миљан Пантиќ (73′ Махир Бешиќ), Дин Рамиќ (81′ Антонио Араповиќ), Дино Делиќ, Бакир Косо (66′ Емин Хрњиќ), Амар Цериќ (73′ Дин Делиќ).
Селектор: Дубравко Орловиќ.