Првостепената дисциплинска комисија на ФФМ донесе низа одлуки по тешкиот инцидент што се случи на натпреварот помеѓу Брегалница 2008 и Шкупи 1927 во категоријата помлади пионери.
Најстрого е санкциониран играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт (бр. 9), кој физички нападна противнички играч и му нанесе сериозни повреди. Тој е исклучен од фудбалската организација, согласно член 43 став 2 од ДП.
Неговите соиграчи Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), кои исто така се вклучија во нападот, добија забрана за настап во траење од три месеци.
Од редовите на Брегалница, Гоцев Симеон (бр. 4) е казнет со четири натпревари суспензија, поради груба реакција и пречекорена самозаштита.
ФК Шкупи 1927 ќе одговара и за напад врз противнички играчи извршен од страна на родители/навивачи, додека ФК Брегалница 2008 е казнета поради пропусти во организацијата и обезбедувањето на натпреварот. Во двата случаи, санкциите се однесуваат конкретно на екипите помлади пионери.
Дополнително, против координаторот на млади категории на Шкупи, Алејса Виши, е поведена постапка за внесување на лажни информации во Комет системот на ФФМ, односно пријавување лица како стручен штаб кои воопшто не биле присутни на натпреварот.