Сите клубови од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) имаат пријавено стадиони кои ги исполнуваат условите за користење на ВАР-системот, со исклучок на Шкупи. Тимот од Чаир е единствениот чие домашно игралиште сè уште не е технички опремено за имплементација на ВАР, поради што не може да се користи овој систем на нивните натпревари.
Како што информираат од ФФМ, стадионот во Чаир нема поставени камери на соодветни позиции, ниту техничка соба која е неопходна за функционирање на системот. Дополнителен проблем е и тоа што клубот не соработува со Федерацијата, што го отежнува целиот процес.
„Сите клубови најдоа начин да ги исполнат условите, само Шкупи не. Тие мора да го завршат процесот околу имплементацијата на ВАР-системот, во спротивно ќе мора да најдат друг стадион што ги исполнува условите“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Централната ВАР-соба, која ќе ги следи сите ВАР-одлуки во текот на сезоната, се наоѓа во „Куќата на фудбалот“ – седиштето на ФФМ, од каде ќе се контролира целиот процес.