Штипскиот суперлигаш РК Астибо ја потврди Марија Анчева, најдобриот стрелец во женската ракометна лига последните неколку сезони, која и понатаму ќе го носи дресот на клубот од Штип.
Искусната ракометарка останува столб на тимот кој минатата сезона го запиша најголемиот успех во својата историја – пласман во плеј-офот, каде Астибо за првпат се најде во друштво на најдобрите екипи во Македонија. Анчева, со своите голови и лидерство, имаше клучна улога во тој успех.
Во текот на кариерата, таа ги носеше дресовите на Кожувчанка, Гевгелија, Овче Поле Славјански Универзитет и Пелистер, со кого настапуваше и на европската сцена. Но, нејзиниот најголем белег останува токму во Астибо.
Покрај настапите на терен, Анчева веќе е активна и како тренер – со младинската екипа на Астибо стигна до завршниот турнир во пионерска конкуренција, уште една потврда за нејзиниот ангажман во развојот на младите ракометарки во Штип.
Летово, Астибо остана без неколку ракометарки – Елена Вучевска, Наталија Манева и Анастасија Сентовска кои преминаа во редовите на Овче Поле СУ, но раководството на штипскиот клуб активно работи на доведување на нови засилувања за да го комплетира ростерот за новата сезона во Супер женската лига.
Како што претходно објавивме, клубот го формираше голманското трио со искусната Кристина Младеновска Кузманоска, која доаѓа од редовите на ЖРК Овче Поле СУ, младата и талентирана голманка Хани Чобанова која потекнува од школата на Металург, а помеѓу стативите останува и Ана Насева.
Со Анчева како лидер и ментор на теренот, Астибо влегува во уште една сезона со јасна амбиција – повторување и надминување на минатогодишниот успех, а уште поважно – градење иднина за женскиот ракомет во Штип.