Новиот прволигаш Башкими сериозно се подготвува за новата натпреварувачка сезона, ангажирајќи тројца интернационални фудбалери со цел да ја засили конкуренцијата и квалитетот во тимот.
Првото засилување е Иса Адекунле, 27 годишниот напаѓач од Нигерија кој доаѓа од словачкиот прволигаш Михаловце. Адекунле е познат по својата експлозивност, брзина и умешност во дриблингот, а клубот го гледа како голема закана за противничките одбрани поради неговата природна желба за постигнување голови.
Второто име на списокот на нови засилувања е Мосавер Ахади, 25-годишен авганистански репрезентативец кој настапува на десната крилна позиција. Ахади има солидно европско искуство, особено од финскиот шампионат каде што ја бранеше боите на неколку клубови. Во последниот тим, Јапс, сезонава на 11 натпревари запиша 3 асистенции и 2 гола. Има играно и за Балзан од Малта и Абу Муслим од родниот Авганистан. За националниот тим настапува од 2023 година и досега има 14 репрезентативни настапи.
Третото засилување е 29-годишниот Фарук Бихорац, дефанзивец со богато фудбалско искуство. Во текот на својата кариера, Бихорац настапувал за повеќе клубови од регионот, меѓу кои се Нови Пазар, Хајдук Кула, Железничар Лајковац, Кабел Нови Сад, Брера, Силекс, Тузла и Инџија. Неговото искуство и стабилност во одбраната се очекува да донесат сигурност во дефанзивната линија на Башкими.
Со овие засилувања, клубот испраќа јасна порака дека има амбиции за повисок пласман и квалитетна сезона.