Македонскиот суперлигаш МРК Куманово продолжува со градење на ростерот за сезоната 2025/2026, а најново име во тимот е младиот пивот Борјан Цековски, кој од денеска повторно е дел од кумановскиот состав.
19-годишниот ракометар се враќа во клубот откако во јануари замина на позајмица во РК Младост Богданци, каде одигра солидна полусезона. Во својата досегашна кариера Цековски настапуваше и за КЛ7 Свети Николе, ГРК Овче Поле 1958, РК Радовиш и МРК Куманово, каде што повторно ќе има шанса да се докаже.
“Огромна чест и задоволство ми е што по една полусезона се враќам назад пред кумановската публика. За мене ова претставува голем предизвик како млад играч да се покажам во најдобро светло во македонската Супер лига. Очекувам добра соработка со тренерот и стручниот штаб, како и исполнување на примарната цел со тимот – пласман во плеј-офот”, изјави Цековски по потпишувањето на договорот.
Со ова ангажирање, МРК Куманово добива млад и мотивиран пивот кој може да внесе свежина и енергија во новата сезона од македонската ракометна елита.