Арсими, новиот прволигаш во македонскиот фудбал, продолжува со сериозно засилување на своите редови пред дебитантската сезона во елитата. Клубот од Чегране го официјализираше трансферот на 22-годишниот Леонид Игнатов, еден од најперспективните офанзивци на домашната сцена.
Игнатов пристигнува од редовите на Силекс, каде минатата сезона имаше забележителни настапи и со тимот од Кратово го освои второто место во Првата лига. Претходно, тој го носеше дресот на ФК Скопје, додека во младинските категории настапуваше за Вардар и хрватскиот Хајдук.
Игнатов е и поранешен младински репрезентативец на Македонија (до 21 година), каде го покажа својот квалитет и потенцијал на меѓународна сцена.
Од клубот информираат дека во конкуренција на неколку домашни и странски клубови, Арсими успеа да го убеди талентираниот напаѓач да го избере токму нивниот проект.
Ова е трето летно засилување за Арсими, по ангажманот на Габриел Јапи Тенлеп од Воска Спорт и Амер Дрљевиќ од Босна и Херцеговина. Се чини дека клубот од Чегране сериозно се подготвува за својот прв настап во Првата македонска фудбалска лига.