Прволигашот Арсими официјално ги претстави првите две летни засилувања за новата сезона, со што продолжува екипирањето откако претходно клубот ја продолжи соработката со десетина фудбалери од актуелниот ростер.
Габриел Јапи Тенлеп е ново име во редовите на тимот од Чегране. Станува збор за 23-годишен дефанзивен играч од средниот ред, кој доаѓа од редовите на Воска Спорт, каде оваа сезона се истакна со стабилни и тактички дисциплинирани настапи. Неговите игри не останаа незабележани и предизвикаа интерес кај повеќе клубови, но раководството на Арсими успеа да ја добие битката за потписот на камерунскиот интернационалец.
Покрај настапите во македонската лига, Тенлеп претходно играше и во елитното првенство на Гана, каде го носеше дресот на Бечем Јунајтед. Тоа искуство му овозможи да ги изгради своите фудбалски вештини на повисоко ниво и да покаже зрелост во играта.
Второто засилување е Мирнел Хуриќ, офанзивен играч кој настапува на крилната позиција. По неуспешниот трансфер во ФК Шкупи во зимскиот преоден рок, Хуриќ се врати во тимот на Јединство, каде блескаше со одлични настапи и повторно привлече внимание со својот потенцијал.
Од клубот се уверени дека овие засилувања ќе донесат дополнителен квалитет и стабилност, а со амбициозен пристап и засилена конкуренција, Арсими ќе влезе подготвен во својата прва сезона во македонската Прва лига.
Во следниот период ќе следуваат нови промоции во дресот на Арсими, а клубот главната фаза од подготовките ќе ја реализира во Охрид.