По успешно завршената проба и позитивната оценка од стручниот штаб, клубот реши да го задржи 27-годишниот крилен играч како дел од ростерот за новата сезона. Кастањеда беше дел од тимот на пријателскиот натпревар против Олимпија Љубљана, на кој влезе во второто полувреме и ги одигра последните триесетина минути.
Со своето движење, визија и напаѓачки инстинкт остави солиден впечаток, што беше доволно за клубот да му понуди договор. Аргентинецот е висок 174 сантиметри и игра на повеќе позиции во офанзивниот дел од средниот ред, со акцент на крилната и офанзивната „десетка“. Последната сезона ја мина во црногорскиот прволигаш ОФК Петровац, каде на 30 натпревари постигна 7 голови и забележа 3 асистенции.
Она што е особено впечатливо е дека на пет од тие натпревари токму неговите голови беа пресудни за победа, што говори за неговата важност во клучни моменти. Кастањеда својата фудбалска кариера ја започнува во реномираната академија на Бока Јуниорс, каде ги помина младинските категории, настапувајќи и за У20-тимот и за вториот состав на клубот.
Потоа ја гради својата кариера низ Јужна Америка, настапувајќи за Национал (Уругвај), како и за неколку клубови од аргентинските лиги: Лаферере, Сан Мигел, Кањуелас и Сачачипас.
Доаѓањето во Црна Гора минатата сезона беше неговата прва европска авантура, која сега ќе продолжи на повисоко ниво – во редовите на најтрофејниот македонски клуб. Со своето искуство, брзина и офанзивен инстинкт, Кастањеда ќе има задача да донесе свежина и дополнителен квалитет во нападот на Вардар.
Клубот со ова засилување продолжува со формирање на конкурентен тим кој ќе атакува на највисоките цели во домашното првенство.