Во Лабуништа вечерва започна меморијалниот турнир во мал фудбал, посветен на Башким Салкоски, Шериф Сефиданоски и Беким Бајрамоски, а првата вечер донесе вистински спектакл и вкупно 40 голови на четири натпревари.
Натпреварувањето го отворија екипите Рики Срл и Хтм Про Вин, а Хтм покажа доминација уште од самиот почеток, славејќи со убедливи 0:5.
Со дисциплинирана игра и одлична реализација, тие најавија сериозни амбиции уште во воведниот натпревар.

Следуваше најефикасниот меч на вечерта, каде Нетто Маркети буквално го прегази составот на Бау Путз Мемишоски со резултат 11:1, во меч што целосно беше во знакот на офанзивната моќ на „маркетите“.

Третиот натпревар донесе најголема неизвесност, барем во првото полувреме, но на крајот Деко Лукс и Ресторан Лабуништа славеа со убедливи 2:6 над Анима, наметнувајќи се како тим за почит уште од самиот старт.

Во последниот дуел за вечерта, публиката беше сведок на вистинска голеада. Виена Комерц и Велиоски Градба одиграа атрактивен и отворен меч со дури 15 погодоци, а на крајот Виена славеше со 9:6, со што си обезбедија важни три бода на стартот од групната фаза.

Турнирот се организира под водство на Шабан Кормакоски, а учествуваат 24 екипи распоредени во 6 групи. Натпреварите се играат според класичните правила за мал фудбал, а наградниот фонд изнесува 2.000 евра за првото место, 700 евра за второто и 300 евра за третопласираната екипа.

Спортска Мрежа е медиумски покровител на овој меморијален турнир и секојдневно ќе ги следи случувањата со извештаи, резултати и фотографии од теренот. Следете нè и останете во тек со сите возбудувања од Лабуништа.