Фудбалскиот клуб Башкими официјално ја објави разделбата со тренерот Баже Јанакиевски, кој по сопствено барање, поради лични причини, повеќе нема да биде на кормилото на тимот.
Оваа одлука доаѓа непосредно по историскиот успех на кумановскиот клуб, кој под водство на Јанакиевски по 17 години успеа да се врати во Првата македонска фудбалска лига, славејќи во баражот против Беса.
Токму овој успех, кој долго време беше само сон за навивачите на Башкими, го стави името на Јанакиевски во историјата на клубот.
Од клубот се заблагодарија со емоционално соопштение.
„Не можеме, а да не го истакнеме и да му се заблагодариме од срце на тренерот Јанакиевски за огромниот придонес кој го даде за нашиот клуб, особено во еден од најважните моменти – влезот во Првата лига. Овој историски успех го носи и неговиот потпис.“
Башкими му посака сè најдобро во понатамошната тренерска кариера и нагласи дека Јанакиевски секогаш ќе биде почитуван и добредојден во клубот, поради неговата незаменлива улога во последната голема фудбалска приказна на клубот.
Со заминувањето на Јанакиевски, Башкими ќе мора итно да започне со потрага по нов стратег кој ќе го води тимот низ предизвиците во елитната конкуренција.