Македонската тенисерка Лина Ѓорческа обезбеди пласман во полуфиналето на ИТФ фјучрс турнирот што се одржува во Куршумлијска Бања, Србија. Во денешното четвртфинале, Ѓорческа ја совлада Анастасија Золотарева од Русија со 2-1 во сетови (4-6, 6-2, 6-4), по два часа и 10 минути борба.
Мечот започна одлично за македонската тенисерка, која поведе со 3:0 во првиот сет. Сепак, Золотарева направи целосен пресврт и до крајот ѝ дозволи на Ѓорческа да освои само еден гем, добивајќи го сетот со 6:4.
Во вториот сет, по раното водство на противничката од 1:0, Ѓорческа влезе во одличен ритам и со серија од шест добиени гема го изедначи резултатот на 1-1 во сетови, славејќи со 6:2.
Во решавачкиот трет сет се водеше голема борба. Ѓорческа имаше предност од 4:3, потоа зголеми на 5:3, и со сигурна игра го приведе сетот до крај со резултат 6:4, осигурувајќи си место меѓу четирите најдобри на турнирот.
Утре, во 10:00 часот на теренот „Виктор Троицки“, Ѓорческа ќе се соочи со Жибек Куламбајева од Казахстан.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа