Македонската кошаркарска репрезентација го запиша првиот пораз во втората претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година, откако во салата „Лазар Лечиќ“ загуби од селекцијата на Кипар со 75:85.
Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал беа резултатски конкурентни во најголемиот дел од натпреварот, но слабата дефанзивна игра во последната четвртина се покажа како пресудна за конечниот исход.
Кипар подобро го отвори натпреварот и поведе со 6:11, но македонските кошаркари брзо воспоставија рамнотежа и со пресврт го добија првиот период со 23:21. Во втората четвртина ниту една од двете репрезентации не успеа да се одлепи резултатски, па на паузата се замина со изедначени 43:43.

Неизвесноста продолжи и во третата четвртина, по која Македонија имаше минимална предност од 55:54.
Одлучувачки беа последните десет минути, во кои Кипарците ги искористија пропустите во македонската одбрана и стигнаа до седум поени предност (56:63). Надежта за позитивен исход ја врати Ненад Димитријевиќ, кој со тројка на шест минути до крајот израмни на 65:65.

Сепак, наместо целосен пресврт, следуваше подобра реализација на гостите, кои ја казнија недоволната концентрација на македонските кошаркари и со десет поени разлика го добија натпреварот.
Ниту одличното индивидуално издание на Ненад Димитријевиќ, кој забележа 30 поени и шест асистенции, не беше доволно за Македонија да стигне до победата. Стојан Ѓуроски го заврши натпреварот со 11 поени, додека во победничкиот состав најефикасен беше Филипос Тигкас со 25 поени.

Македонија по воведниот триумф над Австрија сега има учинок од една победа и еден пораз во втората претквалификациска фаза за Евробаскетот 2029.