Мозес Рајт пристигна директно од авион во салата „Лазар Лечиќ“, каде веднаш им се приклучи на репрезентативните колеги во подготовките за вечерашниот натпревар против Кипар.
Македонската селекција денеска (18:00 часот) ја очекува нов предизвик во втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029, со цел да стигне до нова победа.
За центарот на Олимпија Милано, овој дуел ќе има посебно значење, бидејќи за првпат ќе настапи во македонскиот репрезентативен дрес пред домашната публика во Скопје. Тоа секако ќе биде дополнителен мотив за Рајт, кој ќе сака со својот придонес да помогне во остварувањето на целта на националниот тим.
„Навистина сум возбуден затоа што ова ќе биде првпат да играм во дресот на националниот тим пред домашната публика, овде во Скопје.
Кипар е добра репрезентација, која летово, во подготвителниот период, играше доста добро против силна селекција каква што е Грција. Победија и против Австрија, што покажува дека станува збор за квалитетен противник. Верувам дека ќе биде добар натпревар, но искрено верувам дека ние ќе бидеме подобри и дека ќе победиме“, вели Рајт.
Посебна приказна за американскиот центар ќе биде и атмосферата во салата „Лазар Лечиќ“, за која веќе слушнал од своите соиграчи.
„Да, соиграчите веќе ми најавија дека овде сепак сè е малку поинаку. Ми кажаа дека присуството на домашните навивачи носи дополнителна енергија и дека на противниците им е тешко да играат во оваа сала, која има голема историја“, додава Рајт.
По одличниот настап во дресот на Олимпија Милано, во последниот евролигашки дуел на гостувањето кај Асвел, Рајт уверува дека е подготвен и за новиот предизвик со националниот тим.
„Да, се чувствувам навистина добро, можеби сум малку заморен од големиот број обврски и патувања. Но, тука сум, подготвен сум, како и секогаш, да го дадам максимумот од своите можности и да помогнам во создавањето нови убави моменти со националниот тим на Македонија“.