Машката сениорска репрезентација на Македонија во четврток од 18:00 часот ја очекува пресметката со Кипар, втор натпревар во рамките на вториот циклус од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029. Дуелот ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, каде македонските кошаркари ќе се обидат да стигнат до нов триумф пред домашната публика.
Виктор Ташовски верува во квалитетот на националниот тим, а пред дуелот со Кипар не крие дека целта на македонските репрезентативци е јасна – да се извојува победа и да се продолжи со позитивен резултатски ритам.
„Целта ни е да победиме. Сметам дека сме поквалитетна репрезентација од Кипар, но тоа треба да го докажеме. Се надевам на полна сала и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, вели Ташовски.
Кипар е противник кој веќе покажа дека може да биде незгоден. Во првото коло од овој циклус, на домашен терен во Никозија, ја совлада селекцијата на Австрија со 77:72. Тоа е доволна причина за претпазливост, но не и за промена на амбициите на македонскиот национален тим.
„Со оглед на тоа што победија против селекцијата на Австрија, се работи за добар тим. Имаат нова репрезентација, но не очекувам изненадување на овој натпревар во Скопје“, оценува нашиот репрезентативец.
Македонија ја посакува втората победа во претквалификациите, а поддршката од трибините во салата „Лазар Лечиќ“ може да биде дополнителен мотив за ново успешно репрезентативно издание.