Одлични вести пристигнуваат од Кипар, каде што Строволу, предводен од македонскиот селектор на кадетската репрезентација, Горан Кузманоски, се наметнува како водечка екипа во домашното првенство.
Македонскиот стратег и неговите ракометари стигнаа до значајна победа над Парнасос, еден од најквалитетните состави во кипарскиот шампионат. Строволу ја контролираше средбата и на паузата имаше предност од четири гола (18:14), а во продолжението успешно ја задржа предноста за конечни 33:27.
Напаѓачкиот товар го понесоа Дарио Рагуж и Адел Растодер, кои со по девет реализации беа најефикасни во победничкиот состав. Нивниот придонес беше важен дел од убедливото издание на тимот на Кузманоски.
Дополнителен поттик за Строволу пристигна и од исходот на другата средба, на која актуелниот шампион Анортозис претрпе пораз на гостувањето кај Омонија. Така, по новото коло, тимот на македонскиот тренер се најде самостојно на врвот на табелата со седум освоени бодови.
За Кузманоски и неговиот состав ова е одличен почеток на сезоната и потврда дека Строволу има сериозни амбиции во кипарското првенство.