Ланскиот шампион Мал Ајакс со гол во 38. минута се спаси од пораз на гостувањето во Кочани, откако вечерва одигра 1:1 против Фудбал Старс во рамките на 4. коло на Втората футсал лига.
Домашниот тим го отвори резултатот преку Давид Тренчев во 19. минута со што домаќинот замина со гол предност на полувреме.
Во вториот дел гостинот од Штип се обидуваше да дојде до брз гол, а пак домаќинот не користеше шанси за да зголеми, па тоа го казни Мал Ајакс, кој преку Давид Тошев во 38. минута израмни на конечните 1:1 за делба на бодовите.
Каршиака во меч со девет гола го доби Кратово откако во гости беше подобра со 3:6, со што гостинот го продолжува својот максимален ефект на стартот од новата сезона.
Кај домаќинот двоен стрелец беше Драган Стефанов, а пак еден гол беше дел на Ирфан Мустафов. Кај гостинот Бранко Ѓуровски беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Енис Ибраими, Садам Куршити и Џезаир Рамадани, а пак Давид Тоневски од тимот на Кратово си постигна автогол.
Вчера Овче Поле со 2:1 го доби Шутка 1, а утре од 19 часот во Кавадарци ќе се соочат Црна Река и Балкан во дерби на два поранешни прволигаши.