Кошаркарската федерација на Македонија го именуваше младиот и трофеен тренер Виктор Петровски за нов селектор на женската сениорска репрезентација. Со оваа одлука започнува нов период за националниот тим, со акцент на подмладување на составот, поврзување на младинските и сениорската селекција и создавање генерација кошаркарки кои во наредните години ќе ја предводат македонската женска кошарка.
Петровски доаѓа на местото на Александар Ашаданов, кој по пет години на селекторската функција, од лични причини, одлучи да се повлече.
Кошаркарската федерација на Македонија му се заблагодари на Ашаданов за посветеноста, професионалноста и придонесот во работата со националниот тим, посакувајќи му здравје, лична среќа и понатамошни професионални успеси.
Новиот селектор, роден во 2001 година, и покрај младата возраст, зад себе веќе има значајни тренерски резултати во младинската и сениорската конкуренција.
Во 2019 година, како тренер на селекцијата до 14 години, освои бронзен медал на завршниот турнир, додека во 2021 година со тимот до 18 години стигна до златото.
Во 2022 година за првпат ја презеде функцијата главен тренер на сениорски тим, а уште во дебитантската сезона го доби признанието за најдобар тренер во регуларниот дел од првенството, по серија од девет последователни победи.
Успешните резултати продолжија и во следните сезони. Во 2023 и 2024 година неговиот тим стигна до полуфиналето на националното првенство, а во 2025 година се пласираше во финалето.
Најголемиот успех досега го оствари во 2026 година, кога ја освои шампионската титула во Македонија и трофејот во Суперкупот. Во сезоната 2025/2026 доби и признание за „Тренер на неделата“ во регионалната WABA лига.
Петровски е препознатлив и како најмлад тренер кој освоил сениорска шампионска титула и Суперкуп во македонската кошарка.
Покрај освоените трофеи, значајна причина за неговото именување е и досегашната работа со младите кошаркарки. Тој веќе соработува со генерацијата до 18 години, од која дел од играчките во наредниот период се очекува да добијат можност и во сениорската репрезентација.
Познавањето на нивните квалитети и потенцијал треба да помогне во создавањето континуитет меѓу младинскиот и сениорскиот национален тим, како и во изградбата на поконкурентна репрезентација за следните предизвици.
Со назначувањето на Петровски, Кошаркарската федерација на Македонија се определува за нова насока во развојот на женската сениорска репрезентација, со надеж дека младоста, досегашните резултати и искуството во работата со младите ќе придонесат за напредок на македонската женска кошарка.