Екс третолигашот Василево однесе огромна победа на домашен терен совладувајќи го Интер Кукла со резултат од 9:0, во меч од 3. коло на Општинската фудбалска лига во Струмица.
Дури двајца фудбалери за домашниот тим постигнаа по три гола – Оливер Христов и Драги Глигоров, Адријан Николов беше двоен стрелец, а пак еден гол постигна Мите Митров.
Најголемата пак, гостинска победа, ја имаше Готен од Подареш, откако со 1:8 го декласираше Подгор од Колешино.
За тимот од Подареш по два гола постигнаа Даниел Бојчев и Зоран Спасов, а пак по еден гол постигнаа Никола Божинов, Бојан Митев, Благој Василев и капитенот Иван Конзулов.
За домашниот тим единствен стрелец беше Филип Каменаров, кој погоди во 80. минута од мечот.

Банско во гости забележа сигурна победа од 0:2 над Илинден во Добрејци. Мурат Асанов погоди во 40. минута за отварање на резултатот, а во вториот дел Никифор Милчовски во 55. минута ја потврди победата.
Слога од Злеово и Напредок од Радово ремизираа играјќи 3:3. Гостинот преку Никола Сирачев во 6. минута го отвори резултатот, а потоа домашниот тим направи пресврт преку Наце Ѓоргиев и Славе Митев за водство од 2:1 во 31. минута, но само четири минути подоцна Иљчо Митев за 2:2 на полувреме.
Во вториот дел Кристијанчо Митков беше стрелец во 50. минута за ново водство на домаќинот од 3:2, додека пак Митев со втор гол девет минути подоцна погоди за конечни 3:3.
Немаше победник ниту на мечот меѓу Спартмани и Муртино (2:2). Гостинот пропушти два гола предност и мораше да се задоволи само со бод, откако на полувреме имаше 0:2 со головите на Филип Трајков и Борче Илиев.
Во вториот дел Спартмани во 70. минута преку Димитар Колев намали на 1:2, а осум минути подоцна Васе Митев израмни на конечните 2:2.
Грозд ги освои трите бодови во дуелот со Сачево со резултат од 3:2. Домашниот тим имаше два гола предност преку Окан Дураков и Ирфан Дестанов, а потоа гостинот намали на 2:1 преку Џоко Стоилов.
До крајот на првиот дел домашниот тим дојде до предност од 3:1 преку Александар Георгиев. Во второто полувреме Васко Глигоров ги постави конечните 3:2.
Колото ќе се одигра со средбата меѓу Единство и Струмешница, кој ќе се одигра во друг термин.