Пелистер се враќа на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, мечот од 8. коло на Втората лига против Осогово ќе го одигра под рефлектори од 18 часот.
Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Борче Христов вели дека условите за игра се прекрасни, кој дополни дека стремат на тоа целиот тим подеднаков добро да функционира и во нападот и во одбраната.
„Да, точно е дека се враќаме на нашиот стадион. Условите за игра се прекрасни, а фудбалерите со нетрпение очекуваат да настапат пред нашите навивачи, за кои се надеваме дека ќе дојдат во што поголем број. Досега ја имаме најдобрата одбрана во лигата, но тоа е заслуга на целиот тим, исто како што е случај и со напаѓачката фаза од играта. Се стремиме и работиме на тоа целиот тим подеднакво добро да функционира и во фазата на напад и во фазата на одбрана, со што ќе имаме целосна контрола врз натпреварот“, рече Христов.
Стратегот на пелистерци истакна дека се надева дека ќе ги израдуваат навивачите.
„Секако, многу е полесно да се игра дефанзивен отколку напаѓачки фудбал, па затоа се потребни и трпение и време. Се надевам дека ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи и да ги задоволиме нивните фудбалски вкусови.“
Мечот меѓу Пелистер и Осогово се игра вечерва од 18 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.