Македонската ракометна репрезентација доби нова опција во играчкиот кадар пред претстојните квалификациски натпревари за Европското првенство во 2028 година. Дмитро Хориха и официјално доби дозвола од Светската ракометна федерација да настапува за Македонија, а селекторот Кирил Лазаров веќе ги посочи квалитетите поради кои украинскиот ракометар може да биде значаен за националниот тим.
На денешната прес-конференција во просториите на Ракометната федерација на Македонија, Лазаров зборуваше за играчките карактеристики на новиот репрезентативец. Селекторот особено ги истакна неговиот удар од далечина, придонесот во двата правци и менталитетот со кој настапува на теренот.
„Се работи за играч кој има шут од надвор, кој е играч во два правци, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави сè за неговиот тим да победи.“- изјави Лазаров.
Покрај претставувањето на Хориха, селекторот најави дека списокот на ракометари за следните репрезентативни обврски ќе биде објавен на почетокот на наредната седмица. Лазаров нагласи дека конкуренцијата за место во националниот состав е голема и дека Македонија сериозно ќе пристапи кон дуелите со Луксембург и Грција.
Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за квалификацискиот циклус со амбиција да обезбеди пласман на континенталниот шампионат во 2028 година, а Хориха ќе биде дополнителна опција во плановите на стручниот штаб.