Победа Валандово оствари минимален, но исклучително важен триумф на гостувањето кај Овче Поле. „Калинкарите“ славеа со 0:1 среде Свети Николе во дербито на 4. коло од Третата лига – Регион 3 и со новите три бода остануваат единствениот тим со максимален ефект.
Херој на гостинскиот состав беше Елдан Шата, кој во 71. минута го постигна единствениот погодок на натпреварот и му донесе огромна победа на Валандово.
Со овој пораз Овче Поле го загуби првиот натпревар сезонава, додека Победа Валандово продолжи со неверојатниот учинок од четири победи во четири натпревари. „Калинкарите“ сега имаат максимални 12 бодови и се осамени на врвот на табелата.
Без победник и без голови заврши дуелот во Берово, каде Малеш и Каменица Саса одиграа 0:0. За ланскиот второлигаш од Македонска Каменица ова е резултат кој дополнително ја усложнува ситуацијата во борбата за врвот, особено поради победата на Победа Валандово.
Првиот сезонски бод го освои и Слога Виница, која на домашен терен одигра 0:0 против дебитантот Огражден од Ново Село. Ланскиот второлигаш не успеа да стигне до првата победа, но конечно запиша бод на своето конто.
Убедлива гостинска победа забележа Дојранско Езеро, кој со 0:4 славеше против Карбинци. По два гола постигнаа Милан Миленковиќ и Димитар Јанев, за сигурен триумф на гостите.
Во струмичкото локално дерби, Хоризонт Турново стигна до првата победа во сезоната, откако како гостин ја совлада Тиверија со 2:10. За Турново хет-трик постигнаа Мартин Шутевски и Александар Коцев, двоен стрелец беше Стојанчо Иванов, а по еден гол постигнаа Васко Коцев и Наум Блажевски, додека кај Тиверија стрелци беа Јани Јанков и Јордан Николов.
Во Делчево, Ударник со 5:2 славеше против Натa Брегалница. За домаќините двоен стрелец беше Илија Баламов, а по еднаш погодија Мирче Попов, Адријан Спасиќ и Крсте Марков. За тимот од Делчево стрелци беа Матеј Трајчев и Славче Митовски.
По четири одиграни кола, Победа Валандово е лидер со максимални 12 бодови, а останатите конкуренти ќе мораат да бркаат чекор со „Калинкарите“ доколку сакаат сериозно да се вклучат во трката за првото место и баражот за Втората лига.