Министерот за спорт Борко Ристовски оствари средба со претседателот на Судиската комисија на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Артуро Ди Џакомо, кој во сабота ќе престојува во Скопје како специјален гостин и предавач на Семинарот за судии и делегати.
Семинарот е во организација на Судиската организација при Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), а на средбата присуствуваа и генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски, претседателот на СО при ОФМ, Влатко Ристовски, како и членот на ПСО, Јосип Христов.
„Европските искуства и знаења се важен придонес за развојот на македонската одбојка и унапредувањето на професионалните стандарди. Континуираната едукација на судиите и делегатите е од големо значење за поквалитетни натпревари и усогласување со европските стандарди. Министерството за спорт останува посветено на поддршката на иницијативите што придонесуваат за развој на одбојката, унапредување на стручниот кадар и размена на знаења и искуства со европските спортски институции“, истакна министерот Борко Ристовски.
Ди Џакомо во сабота, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, ќе одржи предавања посветени на новите официјални правила во одбојката. Станува збор за правила кои беа тестирани во текот на летниот период, а нивната имплементација треба да започне со новата натпреварувачка сезона.
Семинарот ќе биде можност македонските судии и делегати директно да се запознаат со новините и практичната примена на измените, како дел од процесот на континуирана едукација и усогласување со европските стандарди.