Кошарка

(ВИДЕО) Кожув со нов тим и високи амбиции: Гевгеличани целат кон топ четири во новата сезона

Сподели
Сподели

Новата натпреварувачка сезона под покровителство на Кошаркарската федерација на Македонија е пред самиот старт, а КК Кожув Гевгелија со јасно поставени цели влегува во новото првенство.

Раководството на клубот вчера одржа прес-конференција на која пред јавноста, своите навивачи и гевгелиската спортска јавност ги претстави амбициите за новата сезона, составот на сениорскиот тим, стручниот кадар, како и плановите за развој на младинската академија.

Кожув во изминатите две сезони завршуваше на петтото место во Македонската Суперлига, а оваа сезона клубот сака да направи чекор напред и да се најде меѓу најдобрите четири екипи.

Претседателот на клубот, Чучанов, посочи дека очекува неизвесно првенство, но и подобар пласман на својот тим.

„Последните две години завршивме на 5-то место во Македонската Супер лига. Оваа сезона, чекор по чекор, целиме да бидеме меѓу првите четири екипи. Очекуваме едно од најнеизвесните првенства досега, со оглед на силата на ростерите кај сите клубови.“

Покрај сениорскиот тим, во клубот сериозно се работи и на поставување систем за развој на младите кошаркари. Чучанов информираше дека оваа сезона дури четири генерации на КК „Кожуф“ ќе бидат дел од младинските лиги, а со назначувањето на Перо Блажевски за координатор, младинската работа станува еден од главните приоритети.

„Овој викенд започнуваат и младинските натпревари. За првпат, четири генерации на КК „Кожуф“ ќе учествуваат во младинските лиги. Со назначувањето на Перо Блажевски како координатор, работата со младите станува врвен приоритет. Нашата цел е во следните 3–4 години да изградиме систем кој ќе донесе видливи резултати.“

Во рамки на плановите за развој на кошарката во регионот, од клубот најавија и потпишување меморандум за соработка со КК Гевгелија, со што се очекува дополнително унапредување на работата и развојот на кошарката во регионот.

За подготовките на сениорскиот состав зборуваше спортскиот директор Александар Димитровски. Тој истакна дека тренинзите започнале на 20 август и дека тимот во новата сезона ќе има подмладен состав со значителен број локални кошаркари.

„Од 12-те играчи во составот, седум се од Гевгелија, а постои можност бројот на локални кошаркари дополнително да се зголеми. Во тимот има и тројца странци, додека дел од составот е и минатогодишниот МВП на Суперлигата од редовите на Кожув, Тери Амстронг.

Димитровски ја најави и првата средба на тимот во новата сезона, која следната недела ќе биде против КК Маџари, кој сега настапува под името КК Скопје.

Со јасна порака за пристапот кон секој натпревар во новата сезона се обрати и тренерот Мишо Тодоровиќ. Тој потсети на традицијата и резултатите на клубот и порача дека стручниот штаб и играчите ќе се борат за секоја топка и секоја минута на теренот.

„Кожув е клуб со традиција, Кожув е клуб кој играл финале во Супер лигата, играл финале и во Купот, Кожуф е бренд кој опстои долги години на кошаркарската мапа. Така да, наша цел е да дадеме максимум. Целта на играчите и на нас како стручен штаб е да се бориме за секој натпревар, да дадеме се’ што можеме, бидејќи мислиме дека така и гевгелиската публика ќе го препознае она за што сме тука. А, тоа е, да се бориме за секоја топка и за секоја минута за да извадиме што е можно подобар резултат.“

Капитенот Илија Колев ја истакна младоста на новиот состав и промените во системот на кошарката, од кои очекува поинаква динамика на натпреварите.

„Не очекува побрза кошарка со друга динамика, се очекува од нас да се бориме за секоја топка, да дадеме се’ од себе и да се бориме на секој натпревар за победа“.

Колев воедно упати благодарност до публиката и навивачката група „Фантоми“ за поддршката и ги повика гевгеличани да бидат нивниот „ветер во грб“ уште од првиот натпревар во новата сезона.

Посебен акцент на прес-конференцијата беше ставен и на младинската академија. Координаторот Перо Блажевски ги најави активностите со младите генерации и очекува зголемен интерес за кошарката меѓу најмладите во Гевгелија.

„Секако, со полуларноста на сениорскиот тим, со остварувањата, се надеваме и на зголемен интерес од помладите за кошарката.“

На крајот, претседателот Чучанов ја покани јавноста на настанот „Meet the TEAM“, кој се одржуваше на платото пред Народниот театар во Гевгелија, каде што се одржа и прес-конференцијата.

Целта на настанот беше граѓаните да имаат можност одблизу да се запознаат со сениорскиот состав на КК „Кожув“, подмладокот и младите членови на кошаркарската академија, но и директно да разговараат со нив, да постават прашања и да споделат мислења и интерес поврзани со кошарката.

Со подмладен состав, седум локални кошаркари во ростерот, нови планови за младинската школа и амбиција за пласман меѓу најдобрите четири, КК Кожув ја очекува новата сезона со јасна желба да направи чекор напред.

Сподели

Не пропуштајте

Трета лигаФудбал

Победа Валандово и Огражден максимални по три кола, три екипи без бодови во Трета лига регион 3

По три одиграни кола во Третата македонска фудбалска лига – Регион 3, две екипи имаат максимален учинок и по девет освоени бодови. На...

Кошарка

(ВИДЕО) Кожув со нов тим и високи амбиции: Гевгеличани целат кон топ четири во новата сезона

Новата натпреварувачка сезона под покровителство на Кошаркарската федерација на Македонија е пред самиот старт, а КК Кожув Гевгелија со јасно поставени цели влегува...

Поврзани написи
Кошарка

DONGFENG нов партнер на КК ТФТ Скопје за сезоната 2026/27

Кошаркарскиот клуб ТФТ Скопје ја продолжува соработката со компании кои ги препознаваат...

Кошарка

Американец од Арканзас Стејт ново засилување на КК Работнички

КК Работнички го претстави своето ново засилување за претстојната сезона, американскиот крилен...

Кошарка

ВИДЕО: МЗТ Скопје со драматичен финиш до деветтиот Суперкуп

МЗТ Скопје Аеродром ја отвори новата сезона со трофеј, откако во возбудлив...

Кошарка

Суперкуп „Драган Василов – Цевка“: 80 години кошарка во Куманово

Денес, МКК Куманово и МЗТ Скопје Аеродром ќе играат за првиот трофеј...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!