МЗТ Скопје Аеродром го засилува својот спонзорски тим со ново партнерство. Клубот официјално објави дека АЛТА банка е нов спонзор на македонскиот кошаркарски шампион.
Соработката е насочена кон поддршка на македонскиот спорт и промоција на вредностите што ги поврзуваат спортот и бизнисот – посветеноста, дисциплината, тимскиот дух и стремежот кон врвни резултати.
Партнерството меѓу МЗТ Скопје Аеродром и АЛТА банка беше официјализирано на денешната прес-конференција во СЦ „Јане Сандански“, во присуство на раководството на клубот и претставници на банката.
„Со АЛТА банка во нашето семејство добиваме сериозна компанија, подготвена да ги следи амбициите на клубот не само оваа сезона, туку и на среден и долг рок. Веруваме дека заедно ќе ги градиме успесите на домашен и регионален план, а оваа сезона и на европската сцена преку настапите во ФИБА натпреварувањата. – вели Никола Трајчевски, претседател на Бордот на директори на МЗТ Скопје.
„Задоволство е да се соработува со клуб со ваква традиција и силен идентитет. Како банка која расте, сакаме да бидеме активен дел од заедницата. Нашата желба е ова да не биде само класично спонзорство, туку активно и динамично партнерство преку кое заеднички ќе создаваме дополнителна вредност за клубот, навивачите и заедницата. – изјави Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА банка.