Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија денес ги започна подготовките за настапот на „Трофеј Македонија 2026“, кој од 24 до 26 септември ќе се одржи во Охрид.
Собирот на репрезентативките беше одржан утрово, во 09:00 часот, во просториите на Ракометната федерација на Македонија. На првиот собир присуствуваше и генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски.
Посебно внимание привлече и првиот официјален состанок на репрезентативките со новиот селектор Игор Марковиќ, кој за првпат ги собра ракометарките и официјално го започна процесот на подготовки со националниот тим.

По состанокот во Скопје, репрезентацијата отпатува за Охрид, каде што ќе продолжи со тренинзите и подготовките за силниот репрезентативен турнир.
„Трофеј Македонија 2026“ ќе се игра во периодот од 24 до 26 септември во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид, а Македонија ја очекуваат три натпревари против квалитетни регионални селекции.

Првиот натпревар македонските ракометарки ќе го одиграат на 24 септември од 18:00 часот, против Србија.
Следниот ден, 25 септември од 17:30 часот, Македонија ќе ги одмери силите со Црна Гора, додека турнирот за нашиот национален тим ќе заврши на 26 септември од 19:00 часот, со дуел против Хрватска.
Така, новиот селектор Игор Марковиќ веднаш ќе има можност да го тестира тимот против три силни репрезентации, а „Трофеј Македонија 2026“ ќе биде првата сериозна проверка за женската сениорска селекција под негово водство.