Тиквеш се збогува со европската сцена и покрај победата над Еш од Луксембург со 33-32 во реваншот од првото коло на ЕХФ Европскиот куп. Кавадарчани не успеаја да ја надополнат негативата од првиот натпревар, кога загубија со 30-27, па со вкупен резултат 62-60 Еш продолжува во второто коло.
Македонија така во следната рунда ќе има три претставници – Охрид, Бутел Скопје и Алкалоид.
За Тиквеш ова беше четврто учество во ова натпреварување, но европскиот првпат ќе остане недостижен. Кавадарчани претходно беа елиминирани од Кремс, Драма и Бешикташ, а оваа сезона против себе го имаа Еш. Иако двата натпревари ги одиграа пред домашната публика, Тиквеш не успеа да направи чекор понатаму.
И во реваншот кавадарчани тргнаа со предност, овојпат 3-1, но Еш брзо одговори и постепено го презеде резултатскиот ритам. Гостите во првиот дел стигнаа до плус четири, 11-7, а Тиквеш успеа да ја намали разликата. На паузата Еш имаше водство од 14-12.
Во второто полувреме луксембуршкиот состав долго време ја контролираше играта и ја одржуваше предноста. Сепак, Тиквеш не се откажа, па преку Бен Махфуд, Димовски и Ончев стигна до 26-26 десетина минути пред крајот.
Следуваше неизвесна завршница во која кавадарчани конечно поведоа со 27-26, а потоа се играше гол за гол. При резултат 31-31, Еш остана со двајца играчи помалку, што Тиквеш го искористи за водство од 32-31 преку Димовски.
Сепак, во клучниот момент Бен Махфуд не реализираше пенал, со што практично пропадна можноста Тиквеш да стигне до потребната разлика. До крајот домаќините славеа со 33-32, но тоа беше недоволно за европскиот прогрес.
Тиквеш така ја заврши европската авантура по само два натпревари, додека Еш со вкупна победа од два гола ќе продолжи во второто коло на ЕХФ Европскиот куп.