Изминативе денови на терените на ТК „Тумба“ во Куманово се одржа турнир за тенисери и тенисерки до 16 години од категорија 3, на кој победничкиот пехар во машка конкуренција остана во рацете на домашниот тенисер Алексеј Стојановски.
Стојановски имаше одличен настап и до титулата стигна со пет победи без загубен сет. Во финалето домашниот тенисер го совлада Максимилијан Хајцик од Германија со 2:0 во сетови, 6:3 и 6:1.
Претходно, во полуфиналето, Стојановски беше подобар од македонскиот тенисер Марин Стефановски, додека во четвртфиналето го совлада Петар Травица од Србија. Во втората рунда, пак, беше поуспешен од Димитрос Косицидис од Грција.
Одличните настапи на домашниот миленик беа проследени и со аплаузи од присутните на турнирот, кои имаа можност да уживаат во неговите игри.
Стојановски беше близу до двоен триумф, но во конкуренција на двојки мораше да се задоволи со финалето. Заедно со Хајцик загубија од македонскиот тенисер Андреј Темов и Џејмс Бартон од Австралија со 2:1 во сетови (4:6, 6:3, 10:4).
Кај девојките, најуспешна во сингл конкуренција беше Анџела Буриќ од Босна и Херцеговина. Буриќ триумфираше и во двојки, каде што заедно со сонародничката Амајла Кадриќ стигнаа до победничкиот пехар.
Од македонските тенисерки, до четвртфиналето во сингл стигнаа Анастасија Арсовска и Јована Велјановска.