Летниот трансфер период за домашните одбојкари и одбојкарки официјално заврши на 31 август, а според бројот на доставени барања до канцеларијата на Одбојкарската федерација на Македонија, новата сезона носи сериозни промени во составите на клубовите.
Особено активен беше пазарот кај жените, каде што се поднесени дури 102 барања за промена на средината, наспроти 24 молби во машка конкуренција.
Дел од сениорските репрезентативки побараа трансфер, а најголеми промени се очекуваат во редовите на шампионот Работнички Скопје. Од актуелниот првак сакаат да заминат три одбојкарки – техничарот Јана Балов, која побара трансфер во Младост УГД, либерото Фросина Трајковска, која сака да се пресели во Пелистер Волеј, како и искусната Антонија Баталаковска, која треба да го засили ЖОК Вардар ЕМ.
Промени ќе има и кај репрезентативките. Капитенот на женската национална селекција Емилија Попјордановска побара трансфер во ЖОК Вардар ЕМ, додека во Газели Волеј треба да пристигне нејзината репрезентативна колешка Надица Антевска, која досега настапуваше за Јанта Волеј КВ.
Речиси и да нема клуб во Првата женска лига кој не прави сериозни промени во ростерот. Работнички Скопје, покрај заминувањата, сака да ја ангажира и Бојана Мороевиќ од Јанта Волеј КВ.
Амбициозно влегува во новата сезона и новиот прволигаш Фламинго Волеј, кој гради состав со кој ќе се обиде да биде конкурентен во највисокото друштво. Активни на трансфер пазарот беа и дел од второлигашките екипи, што најавува интересна сезона на домашната одбојкарска сцена.
Кај мажите, пак, најзвучниот трансфер е враќањето на Александар Љафтов на домашната сцена. Репрезентативецот во новата сезона ќе го носи дресот на актуелниот шампион УГД Штип.
Повратник во македонската одбојка е и уште еден репрезентативец, Филип Маџунков, кој по настапите во странство повторно ќе игра во домашното првенство, овојпат за својот матичен клуб Струмица 47&72.
Со ваквата активност на трансфер пазарот, особено во женската конкуренција, новата сезона во македонската одбојка се очекува да донесе голем број нови состави, променети улоги и поинаков распоред на силите.