По состанокот на претседателите на членките на УЕФА со претседателот и Извршниот комитет на европската фудбалска централа, Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука да ја повлече поддршката за кандидатурата на Џани Инфантино за нов мандат на чело на ФИФА во периодот 2027–2031 година.
За својата одлука, ФФМ испрати и официјално писмено известување.
Од федерацијата посочуваат дека одлуката следува по внимателно разгледување на последните случувања и начинот на функционирање на ФИФА, особено во однос на доброто управување, институционалниот интегритет и транспарентноста во комуникацијата со националните федерации.
ФФМ смета дека довербата, отчетноста и отворениот дијалог треба да бидат основа на управувањето со светскиот фудбал, при што интересите и развојот на фудбалот мора да останат на прво место.
Како членка на УЕФА, ФФМ ја потврдува својата посветеност на заедничките принципи и вредности на европскиот фудбал и ќе продолжи да соработува со националните федерации кои се залагаат за заштита, развој и унапредување на спортот.
ФФМ останува отворена за соработка со сите свои меѓународни партнери, со заедничка цел – заштита и унапредување на интересите на фудбалот.