Арсими конечно ја дочека првата радост во новата сезона, откако со минимални 1:0 го совлада Башкими на Градскиот стадион во Гостивар, во првиот натпревар од третото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Двете екипи влегоа во натпреварот со желба да стигнат до првиот позитивен резултат, а победничкиот момент пристигна во самиот финиш. Диего Контрерас го постигна единствениот гол на натпреварот, со кој му донесе три големи бодови на составот предводен од Вилдан Селиу.
За Арсими ова се први бодови во шампионатот, по двата тешки порази на стартот – 5:0 од Тиквеш на гостински терен и 4:0 од Брегалница. Со денешната минимална победа тимот од Чегране барем делумно го ублажи лошиот старт и конечно стигна до резултат кој носи оптимизам пред продолжението на сезоната.
Од друга страна, Башкими останува без бодови по три одиграни кола. Тимот од првите две средби имаше гол-разлика од 1:11, откако загуби со 6:0 од Силекс во Кратово, а потоа со 5:1 од Тиквеш на домашен терен. Сега следуваше нов минимален пораз, но без постигнат гол.
За новиот тренер на Башкими, Шабан Сулејмани, претстои период во кој ќе треба да ја консолидира екипата и да најде решение за лошиот резултатски старт. Новата шанса за прв позитивен резултат ќе биде веќе на следниот првенствен натпревар.
Третото коло во Првата лига продолжува утре со два натпревари, додека комплетно ќе биде затворено во недела со преостанатите две средби.