По две сезони Брегалница одново е во Првата македонска фудбалска лига, а на воведниот меч од новата сезона „сините“ од Штип беа поразени од шампионот Вардар со резултат од 2:0 на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Капитенот на Брегалница, Стефан Коцев по мечот вели дека направиле многу грешки во текот на мечот, а тоа Вардар знаел да го искористи.
“Направивме многу грешки во текот на натпреварот и Вардар како голем тим тоа знаеше да го искористи. Ние сѐ уште не сме комплетирани, ќе се обидеме да работиме напорно во наредните две седмици и се надевам дека ќе бележиме успеси веќе од следниот натпревар”, изјави капитенот на Брегалница, Стефан Коцев.
Во следното коло Брегалница на домашен терен ќе го пречека Арсими, дуел на две екипи кои ќе ги бараат првите бодови во новата сезона.