Македонскиот футсал шампион КМФ Проект продолжува со формирањето на ростерот за новата сезона, а најновата потврда од клубот е продолжувањето на соработката со репрезентативниот голман Антонио Петровски.
Чуварот на мрежата ќе ја започне својата осма сезона во дресот на клубот од Јосифово, со што дополнително ја потврдува својата лојалност кон екипата во која е играч со најмногу настапи во клупската историја. Петровски со години важи за еден од најдобрите голмани во македонскиот футсал, а неговите квалитети се потврдени и преку настапите за репрезентацијата на Македонија.
„Осма сезона заедно- Еден клуб, еден симбол! Антонио Петровски и КМФ Проект- верноста продолжува. Кога се зборува за КМФ Проект, невозможно е да се замисли без името на Антонио Петровски. Нашиот чувар на мрежата ја започнува својата осма сезона во клубот, како играч со најмногу настапи во историјата на КМФ Проект, човек кој беше дел од секој важен момент, секој предизвик и секој успех на нашиот пат. Со години наназад Тони е меѓу најдобрите голмани во Македонија, а неговите квалитети се потврдени и со репрезентативниот статус. Но бројките и признанијата не ја раскажуваат целата приказна. Лојалноста, посветеноста, карактерот и љубовта кон клубот го направија вистински столб на КМФ Проект – пример за сегашните и идните генерации. Продолжуваме заедно, посилни од било кога“, велат од КМФ Проект.
Тимот од Јосифово зад себе има историска сезона во која без ниту еден пораз и без ниту едно реми ја освои шампионската титула во Првата футсал лига. За Проект тоа беше втора шампионска титула во клупската историја, а воедно и прва Куп титула, со што беше комплетирана првата двојна круна.
Амбициите на клубот остануваат високи и во сезоната што следува. Проект веќе се подготвува за настап во квалификациите за Лигата на шампионите, а потврдата на соработката со Петровски е уште еден показател дека клубот има јасна цел – одбрана на двојната круна и достојно претставување на Македонија на европската сцена.
Претходно, раководството на клубот ја продолжи соработката и со искусниот Мартин Тодоровски, како и со најдобриот стрелец на екипата и македонски репрезентативец Марио Благојевски, со што шампионскиот тим го задржува своето препознатливо јадро и за новите предизвици.