Новиот прволигаш Шкендија Арачиново потврди дека е продолжена соработката со шефот на стручниот штаб Берат Имери и за новата сезона, односно тренерот кој обезбеди историски влез за тимот од Арачиново во фудбалската елита на Македонија останува на кормилото на дебитантот.
Клубот преку соопштение ја потврди соработката со стратегот Берат Имери и за новата сезона.
„Фудбалскиот клуб Шкендија 77 со особено задоволство ја известува јавноста, навивачите и љубителите на фудбалот дека постигна нов договор за соработка со тренерот, проф. Берат Имери. По една извонредна сезона крунисана со историски успех, раководството на клубот и проф. Имери најдоа заеднички јазик за да го продолжат нашиот амбициозен проект. Неговиот карактер, докажаната тактичка умешност и привлечната игра што ја вгради во екипата беа најголемата гаранција за заеднички да продолжиме кон следните предизвици. На професорот и на неговиот стручен штаб им посакуваме успешна работа и многу успеси на новото патување што нè очекува“, велат од клубот.
Шкендија Арачиново минатата сезона заврши на третото место во Втора лига, а во баражот по регуларните 1:1 на пенали беше подобра од Пелистер.