Младиот фудбалер на Пелистер, Енвер Фејзулаи, беше еден од најзабележителните поединци во финалето од Купот на Македонија за кадети, откако постигна вистински мајсторски погодок против Вардар.
Битолчани имаа негатива од 0:1, но во 38. минута добија можност од белата точка. Одговорноста ја презеде Фејзулаи, кој со огромна самодоверба и перфектно изведена „паненка“ ја затресе мрежата на Вардар за израмнување на 1:1.
Неговиот погодок беше еден од најубавите моменти на натпреварот, а присебноста што ја покажа во толку важен натпревар уште еднаш го потврди неговиот голем талент.
Финалето понуди вистинска драма и шест погодоци. По регуларните 90 минути резултатот беше 3:3, па победникот се решаваше по изведувањето пенали. Во пенал-рулетот повеќе среќа и концентрација имаше Вардар, кој стигна до трофејот.
Фејзулаи има 18 години, својата фудбалска приказна ја започна во Талент од Битола, а од 2020 година е дел од Пелистер. Покрај клупските настапи, тој е и младински репрезентативец на Македонија, а со своите игри продолжува да го привлекува вниманието како еден од перспективните фудбалери од Пелистер.
Перфектната „паненка“ во финалето сигурно ќе остане запаметена како еден од најатрактивните моменти од завршницата на Купот на Македонија за кадети.