Охрид сè уште живее во знакот на големиот успех на ГРК Охрид, кој ја освои својата прва европска титула во клупската историја. Ракометарите на охридскиот клуб уште еднаш ја совладаа унгарската Татабања во реваншот од финалето на ЕХФ Европскиот Куп и на најубав можен начин ја крунисаа сезоната со европски трофеј.
По големиот триумф следуваше незаборавна прослава на градскиот плоштад во Охрид, каде илјадници навивачи, љубители на спортот и пријатели на клубот го славеа историскиот успех на својот тим.
Во морето од емоции и честитки, посебен гест направи нашиот колега, спортскиот новинар Иван Арсеноски од „Охрид Спорт“, кој на стратегот на охридскиот тим, Борис Ројевиќ, му подари света икона на светителот што го носи неговото име.
„Од мое име и во име на мојата фамилија после победата и освојување на шампионската ЕХФ титула на стратегот Борис Ројевиќ му подарив света икона на светител со негово име. Голем човеку фала за сè што до сега имате направено за ракометот во нашиот град“, изјави Иван Арсеноски.
Гестот на Арсеноски беше уште една потврда за благодарноста и почитта која охридската спортска јавност ја има кон српскиот стратег, кој успеа да го одведе клубот до најголемиот успех во неговата историја.
Освојувањето на ЕХФ Европскиот Куп засекогаш ќе остане запишано со златни букви во историјата на охридскиот спорт, а Борис Ројевиќ и неговите ракометари ќе останат запаметени како генерацијата која му го донесе првиот европски трофеј на градот покрај Охридското Езеро.