Македонскиот фудбал доби уште едно тренерско име со највисока лиценца, откако Александар Таневски успешно ја заврши програмата за стекнување со УЕФА Про лиценца.
42-годишниот стратег, кој во моментов е тренер на Скопје и селектор на новоформираната У20 репрезентација на Македонија, официјално се стекна со највисоката тренерска лиценца.
Таневски веќе неколку години е присутен на македонската фудбалска сцена како тренер. Неговата тренерска кариера започна во 2018 година, а досега ги предводеше прволигашките екипи на Беса Добридол, Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев, денешна Брера Струмица.
Во моментов го води тимот на Скопје, со кој го очекува бараж натпреварот за влез во Првата македонска фудбалска лига против Брера Струмица, клуб каде што претходно работеше како тренер. Натпреварот ќе се одигра во недела во Битола.
Покрај клупските обврски, Таневски е и селектор на У20 репрезентацијата на Македонија, каде веќе ги предводеше младите фудбалери на два натпревари.
По успешното завршување на едукацијата, Таневски истакна дека едно големо поглавје е успешно завршено, дополнувајќи дека фудбаот станува најголемата страст.
„Едно големо поглавје е успешно завршено – УЕФА ПРО лиценца. Горд сум на целиот процес, на луѓето од центарот за едукација при ФФМ, на сите ментори, предавачи и колеги од кои научив многу низ овие години. Фудбалот останува најголемата страст, а развојот како тренер – секојдневна обврска. Благодарност до сите што беа дел од патот“, рече Таневски.