Општина Чешиново-Облешево и градоначалникот Јорданче Костадинов упатија честитка до својот сограѓанин Стојче Стојов, кој како фудбалер на Силекс го освои Купот на Македонија за сезона 2025/2026.
Кратовскиот прволигаш во големото финале славеше минимална победа од 1:0 над Шкендија и со тоа стигна до трофејот во националниот Куп, а воедно обезбеди и пласман во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.
Од Општина Чешиново-Облешево истакнаа дека успехот на Стојов претставува гордост за целата општина и инспирација за младите спортисти.
„Општина Чешиново Облешево и градоначалникот Јорданче Костадинов се горди на успехот на нашиот сограѓанин Стојче Стојов, член на ФК Силекс и освојувач на Фудбалскиот Куп на Македонија за 2026 година. Со својот труд, посветеност и талент Стојче уште еднаш покажа дека упорноста носи резултати. Неговите успеси во фудбалот се вистинска инспирација за младите од нашата општина и доказ дека со работа и верба во сопствените способности може да се стигне до големи достигнувања. Му честитаме од срце и му посакуваме уште многу победи, успеси и спортски моменти за паметење. Нашата општина секогаш ќе стои зад своите таленти и ќе се гордее со нивните достигнувања“, велат од општината.
Стојов во редовите на Силекс пристигна од Осогово, а низ својата кариера беше дел и од Каменица Саса, Детонит Плачковица, Слога Виница, Зрновка и Фудбал Старс, клубот каде ги направи првите фудбалски чекори.

Со освоениот Куп и излезот на европска сцена, 25-годишниот Стојче Стојов го запишува најголемиот успех во својата кариера досега, а неговата приказна претставува доказ дека и од помалите средини можат да излезат фудбалери кои ќе стигнат до големи успеси на македонската фудбалска сцена.
Инаку, за Силекс оваа беше четврта Куп титула, првата беше освоен во 1994 година, втората во 1997 година, а третата во 2021 година, а Силекс играше финале и во 1995 и 2022 година.